За книгата

Изданието „Ендодонција“ на д-р Арналдо Кастелучи е вистинско ремек-дело. Книгата ја опфаќа ендодонцијата во минатото, ендодонцијата сега, нејзините трендови и ендодонцијата на иднината. Ги прикажува промените во ендодонтските технологии: од еволутивната историја до правилната препарација на пристапниот кавитет, чистење и обликување и 3Д-полнење, од интердисциплинарната ендодонција до постендодонтската реставрација, ниеден детаљ не е пропуштен во описот на терапевтските методи што се потребни за клинички успех.

Том I почнува со поставување на темелите на ендодонтската дисциплина и овозможува читателот да го разбере буквално секој актуелен метод на ендодонтско чистење и обликување со извонредни илустрации што го покриваат секој детаљ од техниката.

Во том II е прикажан методот на оптурација и се фокусира на она што е важно во ендодонцијата за да заврши на начин на кој читателот лесно може да сфати и веднаш да го примени во својата практика. Дијагноза, чистење и обликување и, последователно, тридимензионална оптурација на коренските канали се најкритичните аспекти на ендодонцијата. Поглавјата посветени на овие теми се исцрпни како и поглавјето за ендопародонталните односи и за влијанието што го имаат двете патологии една на друга. Поглавјата за ортоградни и хируршки повторни третмани го прават текстот уште поактуелен и практичен, како и новите поглавја за тридимензионална радиологија и за регенерација на пулпата. 

Делото е дополнето и со 75 видеа што прикажуваат клинички случаи што се многу значајни и се достапни директно преку QR-кодови или на интернет-страницата endodoncija.arslamina.com.

 

За авторот

Д-р Арналдо Кастелучи дипломирал cum laude (со пофалба) медицина на Универзитетот во Фиренца во 1973 година, а специјализирал стоматологија на истиот универзитет во 1977 година. Од 1978 до 1980 година посетувал курсеви за континуирано образование по ендодонција на Бостонскиот универзитет за дипломски студии по стоматологија кај проф. Херберт Шилдер, а во 1980 година поминал четири месеци на Одделот за ендодонција кај професорот Шилдер, каде што вежбал на пациенти и вршел истражување на скенирачки електронски микроскоп. Оттогаш, тој води ординација ограничена на ендодонција.

Д-р Кастелучи е поранешен претседател на италијанското здружение за ендодонтологија (СИЕ) и активен член на Европското здружение за ендодонтологија (EСE), каде што бил секретар од 1981 до 1983 година. Од 1985 година тој е активен член на Американско здружение на ендодонти (ААЕ). Тој бил претседател на Меѓународната федерација на ендодонтски асоцијации (ИФEA) од 1990 до 1992 година. Од 1983 до 2000 година бил дополнителен професор по ендодонција на Стоматолошката школа на Универзитетот во Сиена, а од 2001 до 2014 година вонреден професор по ендодонција на Стоматолошката школа на Универзитетот во Фиренца. Во моментов е дополнителен професор по ендодонција на Стоматолошката школа на Универзитетот во Калјари и од 2008 година е професор по хируршка ендодонција на постдипломскиот курс по орална хирургија на Универзитетот „Федерико II“ во Неапол. Тој е и почесен член на Украинската медицинска и стоматолошка академија.

Тој е италијански преведувач на „Клиничка и хируршка ендодонција. Концепти во практиката“ од Френк, Глик, Сајмон и Абу-Рас во издание на „Пицин“. Тој беше главен уредник на италијанскиот весник за ендодонција, „Giornale Italiano di Endodonzia“ и главен научен директор на „Информаторе ендодонтико“. Исто така, тој е основач и претседател на „Студискиот клуб за топла гутаперка“. Во моментов е главен и одговорен уредник на „Ендо трибјун“ и научен консултант на списанијата „Ендодонтска практика“, „Ендодонтска практика САД“ и е член на Уредувачкиот одбор на „Клиничка стоматологија“. Д-р Кастелучи е исто така основач и претседател на Центарот за обука за микроендодонција, со седиште во Фиренца, каде што предава и одржува практични курсеви за клиничка и хируршка ендодонција. Има објавено повеќе од 60 статии во најпрестижните списанија за ендодонција.
Во 1993 година го објави учебникот „Ендодонција“ (уред. Мартина, Болоња), кој беше ажуриран и преведен на англиски јазик во 2004 година со наслов „Ендодонција“ (уред. Мартина, Болоња).

Исто така, тој е автор на „Микрохируршка ендодонција“, достапна и на италијански, шпански, како и на македонски јазик (издание на „Арс Ламина“). Тој е автор на поглавјето за „Оптурација на радикуларните простори“ за седмото издание на „Инглс ендодонтикс“ објавено од ПМПХ САД, Лтд. Северна Каролина, поглавјето за „Внатрешна анатомија на забите и оптурација на коренскиот канал“ за анатомијата на коренскиот канал во „Перманент дентишн“, објавено од „Спрингер“, и поглавјето за „Ендодонтско-пародонтални односи“ за пародонтална дијагноза и терапија објавено од „Квинтесенс“. Заедно професорот Елио Берути, е коавтор на поглавјето за „Нехируршко лекување на коренскиот канал“ за „Водич за моларна ендодонција“ објавено од „Спрингер“.

Како предавач со меѓународен статус, д-р Кастелучи одржал презентации на национални и меѓународни конференции во повеќе од 65 земји во светот. Држел курсеви и предавал на повеќе теми, како што се ортоградна ендодонција, хируршка ендодонција, повторени третмани, CBCT, инструментација со НиТи, нови технологии и употреба на оперативниот микроскоп. Исто така, предавал практични курсеви за нехируршка, како и хируршка ендодонција, и во странство и во Италија во неговиот Центар за обука за микроендодонција, со седиште во Фиренца. 

Д-р Кастелучи беше специјален гостин во Скопје, на 26-тиот конгрес на BaSS (Balkan Stomatological Society) во мај 2023 година, кога одржа свое предавање и го промовираше македонското издание на книгата „Микрохируршка ендодонција“.